Еден од најдобрите македонски репрезентативци, Енис Барди, нема да биде во составот на селекторот Благоја Милевски за претстојните два меча од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар следната година. Барди има повреда на задниот бутен мускул заработена на последниот репрезентативен дуел против Романија и веќе еден месец е надвор од фудбалскиот терен.
Иако не играше за својот Леванте, Барди беше повикан во составот од 23-ца фудбалери за претстојните дуели на Македонија против Лихтенштајн на гости на 8 октомври и мегадуелот против Германија, кој ќе се игра на Арената „Тодор Проески“ на 11 октомври.
Македонија моментно е на четвртото место во групата со девет бодови, но само два помалку од второпласираната Ерменија и со надеж дека може да се стигне до посакуваното второ место.
Репрезентативците кои се повикани за претстојните два меча, од синоќа започнаа да пристигнуваат во Скопје, а денеска се очекува комплетирање на тимот. Првиот тренинг е закажан за попладнево на тренинг-центарот „Тодор Проески“.