Барди е класа играч и човек: Одби подобри понуди од Хетафе и Жирона, за да го исполни ветувањето

Енис Барди имал и подобри понуди од таа на Леванте, и тоа од шпанските ривали Хетафе и Жирона, но си останал на зборот и ветувањето дека ќе биде нов член на клубот од Валенсија. Во 2017 година, кога ја почна шпанската авантура, Енис не се пишмани и дојде кај нас, раскажува поранешниот технички секретар на Леванте.

Кармело дел Позо долго бил во контакт со нашиот репрезентативец и дури и стравувал од пресврт по одличните игри на Барди на младинското Европско првенство во Полска во 2017 година.

„Енис блескаше на Европското првенство во Полска и беше убедливо најдобар играч на Македонија. Искрено стравувавме да не замине во друг клуб, но тој постапи неверојатно фер и си го оддржа зборот и ветувањето дека ќе биде нов член на Леванте. На трибините во Полска имаше скаути на Жирона и на Хетафе, но и уште од неколку клубови кои беа заинтересирани за него со подобри понуди од нашата. Сепак, Барди пристигна кај нас и затоа е омилен во клубот“, вели Позо.

Техникото на Леванте од тој период вели дека пред да почне ЕП во Полска, во клубот се мислеле дали да ризикуваат и да платат 1,5 милиони евра отштета за играч кој никогаш претходно не настапувал во посилните лиги. Но, по настапите на Барди против Шпанија, Србија и Португалија, веќе стравувале да не замине во друг клуб.

„Реално мислевме дека е ризик да купиме играч што не настапувал во лига со приближен квалитет на Ла Лига, но само со три натпревари во Полска, Барди не разубеди и дури почнавме и да стравуваме да не ја одбие нашата понуда и да замине во клуб што ќе му понуди подобри услови. За среќа, се мина во најдобар ред и Енис со игрите во шпанското првенство само потврди дека Леванте доби џек-пот за мали пари. Може да игра на две-три позиции на теренот, голем борец е, слободните удари и прекините му се неверојатно добри, а и техниката му е одлична“, додава Позо.

Барди ја игра третата сезона во Леванте и воопшто во шпанскиот фудбал, стандарден првотимец е на клубот од Валенсија и остави свој печат во секоја од сезоните што ги игра во Ла Лига.

На стартот во сезоната 2017/18 постигнуваше брилијантни голови од слободни удари, вкупно даде 9 гола во првенството и 4 во купот на Шпанија. Следната со голот против Жирона му донесе опстанок на Леванте, а и во оваа што е прекината поради корона-вирусот со стабилните игри остана една од најважните алки во тимот што е во безбедната зона и на прагот да остане во Ла Лига ако се доигра првенството.

 

- Оглас -

Најнови вести