Барди има косовски корени, но ќе „гине“ за Македонија!

Се наближува еден од најважните натпревари на македонската фудбалска репрезентација во историјата. На 26 март на арената „Тодор Проески“ ќе гостува селекцијата на Косово, против која Македонија ќе се обиде да оствари триумф за пласман во финалето од разигрувањата во Лигата на нациите и прво учество на Европските првенства.

Еден од клучните играчи на составот на Ангеловски дефинитивно ќе биде Енис Барди. Играчот за врска на Леванте има косовски корени, меѓутоа ќе даде сè од себе за нашата репрезентација да го запише посакуваниот резултат, порача Барди во интервју за косовската телевизија „ПриштинаТ7“.

„Многу сум ѝ благодарен на Македонија што ми даде шанса да дебитирам за сениорскиот тим на 19 години. Јасно е дека нè очекува тежок предизвик, но воедно мечот ќе биде возбудлив и би сакал да помине без неспортски инциденти. Имам косовски корени, мојата мајка е од Косово, но јас ќе дадам сè од себе за Македонија да го оствари посакуваниот резултат иако емоциите ќе преовладуваат. Факт е дека не сум само јас главен играч, тука се Пандев, Елмас, Алиоски и сите останати кои го прават нашиот тим доста квалитетен. Но, исто така знаеме дека и Косово поседува квалитетен состав предводен од Рашица, Муриќи, Рахмани, со побебно внимание ги следам откако се дозна дека ќе се соочиме во Скопје“, изјави Барди.

- Оглас -

Најнови вести