Барди ја отвори душата: Во Шпанија ме споредуваа со Меси, но во Трабзон…

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, во изјава за турски медиуми зборуваше за времето кога играше во Леванте, но и за тоа колку тешко му било да се прилагоди на фудбалот во Турција.

„Кога бев во Леванте, успеав да постигнам седум гола од слободен удар само од 25 шута. За разлика од мене, Меси имаше осум погодоци од слободен удар, но од 52 обиди. Ми годеше тоа што ме споредуваа со еден од најдобрите фудбалери на сите времиња“, вели Барди, кој беше во Леванте во период од 2017 до 2022 година.

По петте години поминати во Леванте, Барди направи трансфер во Трабзон. Во првата сезона одигра 42 натпревари, но оваа сезона има само пет настапи и ова е неговата најтешка сезона во кариерата.

„Не сум зборувал за ова бидејќи ми е тешко. Тоа беше тежок период за мене. Постојано чувствував некој товар, притисок, но едно утро си реков дека не сакам на ваков начин да си заминам од Трабзон. Решив да останам и да се борам и ситуацијата се промени“, открива искусниот офанзивен играч.

Во петте меча на коишто доби шанса да игра, Барди успеа да даде два гола и само да потврди дека тој едноставно има квалитет да биде еден од лидерите на Трабзон.

- Оглас -

Најнови вести