Енис Барди очекува да игра на второто Европско првенство во кариерата, овојпат со Селекцијата А на Македонија, која има убава шанса низ бараж-мечевите во Лигата на нациите да се пласира на големо натпреварување.
„Мечот со Косово ќе биде историски за мојата земја. Очекувам да ја искористиме и да играме финале во Сегментот Д. Играв на Европското младинско првенство, сега и јас и сите во Македонија очекуваме пласман на ЕП и со сениорската репрезентација. Тоа ќе биде остварување на сонот и за мене и за соиграчите“, вели Барди за клупската телевизија на Леванте.
Енис беше дел од златната генерација младинци што приреди уникатен подвиг во квалификацискиот циклус во 2015/16 година и во конкуренција на моќната Франција, потоа и на Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска го освои првото место и играше на ЕП во Полска во 2017 година.
Тоа е прво учество на македонска репрезентација на ЕП во која било возрасна категорија. На 26 март во Скопје ќе играме полуфинале со Косово во Сегментот Д од Лигата на нациите, а ако победиме, на 31 март ќе гостуваме во Грузија или во Белорусија, во нокаут-меч што на победникот му гарантира учество на ЕП 2020 година.