Барди: Нема поголема мотивација од тоа што сме тука

Фудбалската репрезентација на Македонија во сабота гостува во Виена, каде што ќе ги одмери силите со селекцијата на Австрија во меч од рамките на деветтото коло во квалификациите за ЕП 2020. Тоа ќе биде втора пресметка на нашата репрезентација против Австријците, откако претходно годинава во Скопје Рисовите претрпеа тежок пораз од 4-1.

Енис Барди, играчот за врска на Леванте, во пресрет на тешкото гостување истакна дека целата селекција е мотивирана да остварува добри резултати само поради фактот што учествуваат во квалификациите. Тоа ги понесува да остваруваат добри резултати, а додаде и дека убедливиот пораз од Австријците беше само лош ден за македонскиот состав.

„Нема поголема мотивација од тоа што сме тука. Ние сме професионалци и играме за да бидеме подобри, а оваа година беше добра за нас. Направивме одлични работи и овие два меча можат да ни помогнат да одиме напред. Дуелите кои ни следуваат ни значат многу. Сè уште имаме една шанса да одиме на ЕП 2020, а тоа е преку Лигата на нациите. Мора да бидеме сконцентрирани и да дадеме максимум, а нашата цел е пласман на Европското првенство. Против Австрија треба да влеземе на мечот со најголема концентрација и да дадеме сè од себе како во секој натпревар. Јас мислам дека поразот во Скопје од Австрија беше лош ден за нас, направивме многу грешки. Мислам дека сега сме попаметни и ќе бидеме поконцентрирани. Многу е тешко да се игра против Австрија на нивен терен, тие се силни физички, но оваа наша селекција има многу добри играчи и сметам дека дуелот во Виена ќе биде уште поголема мотивација зашто тие победија со 4-1 во Скопје, нешто што долго време нема направено ниту една репрезентација“, истакна Барди.

Дуелот Австрија – Македонија е закажан за сабота, со почеток во 20:45 часот.

- Оглас -

Најнови вести