Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди повикува на претпазливост пред утрешниот меч против Лихтенштајн во квалификациите за СП 2026. Барди потенцира дека ако решиме да го потцениме ривалот, тоа може како бумеранг со лошо да ни се врати.
„Ќе биде тежок меч. И во вадуз беше тешко додека не го постигнавме првиот гол. Направивме анализи да ги корегираме оние работи кои може да се поправат. Наша цел е да се освојат трите бода и да останеме на првото место во групата. Никогаш нема предвреме добиен меч, затоа никого не смееме да потцениме затоа што тоа може да се врати со лошо“, вели Барди.
Креаторот на играта на Македонија потенцира дека треба да одиме чекор по чекор и меч по меч, а најважно е сега да се освојат трите бода.
„Секој меч е поинаков, но без разлика кој е противникот, секогаш кога играме во дресот на Македонија, императив е освојување на три бода. Сега мора да бркаме победа против Лихтенштајн, а дури потоа ќе мислиме за Белгија и за следните мечеви“, потенцираше Барди на прес конференцијата.