Македонскиот репрезентативен капитен, Енис Барди, не е во плановите на тренерот Абдула Авџи, кој се врати на клупата на Трабзонспор, па Барди веројатно ќе треба да си бара нов клуб уште во јануарскиот преоден рок.
Турските медиуми објавија дека Авџи пречрктал шестмина играчи од актуелниот состав на Трабзон, а еден од нив бил и Барди.
Барди неодамна призна дека за клубот не игра добро и даде свое мислење зошто тоа е така.
„Притисокот во Трабзон врз играчите е многу голем. Тука луѓето 24 часа зборуваат за фудбал. Ситуацијата е поинаква во репрезентацијата. Во репрезентацијата сум еден од главните играчи и таму можам да играм послободно, а тоа е предуслов за добри партии. Се надевам дека наскоро и во дресот на Трабзон ќе ја видите онаа најдобра верзија на Барди и дека можам да му помогнам на тимот“, рече Барди пред десетина дена.
Во меѓувреме, се појави шпекулација дека тренерот на Унион Берлин, Ненад Бјелица, би го сакал Барди во својот тим, па ако си замине од Турција, Барди би можело да заигра во една од најсилните лиги во Европа.