Националниот тим е пред нов предизвик. Фудбалската репрезентација на Македонија ја очекуваат дуели против Летонија и против Ерменија, а капитенот Енис Барди посочува дека фудбалерите се подготвени да одговорат на предизвикот.
Барди беше стрелец против Летонија на минатиот натпревар во Рига, па и сега очекува пред сѐ добра тимска игра и победа.
„Верувам дека сме подготвени да одиграме еден добар натпревар и да бидеме на вистинското ниво. Што се однесува до мене лично, подготвен сум максимално, проблемите што ги имав со повредата се минато и секогаш давам и повеќе од максимум во националниот дрес. Треба да продолжиме во ист стил како и на минатиот меч со Ерменија во Скопје и со еден храбар пристап да покажеме дека имаме квалитет за победа против Летонија“, изјави капитенот Енис Барди.
Натпреварот меѓу Летонија и Македонија се игра утре, со почеток во 18 часот, на стадионот на Сконто Рига.