Барди: Сеедно е дали ќе играме со Белорусија или Косово

Енис Барди повторно беше човекот кој со прецизен шут од дистанца го разби противничкиот бункер, го даде првиот гол и против Лихтенштајн, но останува скромен и вели дека најважно е репрезентацијата да победува, а не кој дал гол.

„Важни се трите бода, не е важно кој дава голови. Ова беше добар натпревар за сите нас, тешко е да се игра против тим кој цело време се брани со десет играчи. Мислам дека го отворивме резултатот навреме, во второто полувреме ги користевме шансите кои ги имавме и нормално дека одиме само напред. Знаеме што нè очекува, знаеме која е нашата цел“, изјави Барди.

Наш следен противник се Белорусија или Косово, два тима со различни стилови на игра, но Барди смета дека најважно е како ќе игра Македонија. Ако бидеме на потребното ниво, победата нема да изостане.

„Имаме многу квалитет, оваа генерација навистина е одлична, една од најдобрите, ако не и најдобрата што ја имала Македонија. Заедно со Горан Пандев, кој ни фалеше вечерва, знаеме каков играч е и колку ни значи, ќе бидеме уште појаки. Имаме уште два меча, треба да видиме кој ќе ни биде следен противник. Нема да имаме проблем ако сме сконцентрирани. За нас не е битно дали Косово или Белорусија. Гледаме како ќе играме ние, кој и да биде, треба ние да бидеме добри“, додава Барди.

- Оглас -

Најнови вести