Барди со Леванте го освои „Сантијаго Бернабеу“ и го бутна „кралот“ на колена

Енис Барди со Леванте направија големо изненадување и победија на гостувањето во Мадрид против Реал, со 2:1. Македонскиот репрезентативец ги одигра сите 90 минути и беше еден од оние кои „царуваа“ во средината на теренот.

Уште во првите 15 минути од мечот Леванте најави дека е подготвен да слави на „Сантијаго Бернабеу“. По само 6 минути погоди Моралес, кој ја искористи грешката на Рафаел Варан. Францускиот репрезентативец во редовите на Реал во 13 минута направи и пенал, кој го реализираше Роџер.

На овој меч Реал постави и еден неславен рекорд. За прв пат во својата историја не успеа да даде гол на 480 минути. Таа лоша серија заврши со погодокот на Марсело во 72 минута, но тоа беше премалку за Реал да се спаси од пораз. На крајот Барди и другарите се радуваа.

Македонскиот репрезентативец сега може да се пофали дека за само пет месеци успеа со Леванте да ги победи двата најтрофејни клуба во Шпанија. Во мај, на крајот од минатата сезона, Леванте со 5:4 ја победи Барселона, а Барди тогаш даде два гола. Овојпат против Реал не се запиша во листата на стрелци, но имаше забележителна улога во победата од 2:1.

- Оглас -

Најнови вести