Енис Барди верува во себе и во соиграчите и вели дека Леванте ќе успее да избори опстанок во Ла Лига. Тимот од Валенсија е во незавидна ситуација, има само два бода повеќе од Валјадолид, екипа која е на 18-тото место, последно што води во Сегунда.
„И против Еспањол во ситуација кога имавме играч помалку, покажавме карактер, сплотеност и борбеност каква што му доликува на шпански прволигаш. Леванте е тим составен од жилави момци и убеден сум дека нема да испаднеме. Ќе продолжиме да се бориме докрај и верувам дека и следната година ќе играме во Ла Лига“, вели Барди.
Леванте нема победа на последните пет меча и од релативно безбедна позиција, падна на 17-тото место на пет кола до крајот на шпанското првенство. Еден од конкурентите на Леванте во битката за опстанок е и Рајо Валјекано, тим чиј член е голманот на македонската репрезентација Столе Димитриевски.