Енис Барди постигна убав гол од слободен удар против Фенербахче, но гостите од Истанбул победија со 3-2 и по мечот, на теренот ја прославуваа победата. Ова беше сфатено како голема провокација од публиката, па навивачи влегоа на теренот и предизвикаа хаос кој го виде цел свет.
Голманот на Фенер, Доминик Ливаковиќ, беше удрен со предмет фрлен од трибините, по што почна кошкање меѓу играчите, подоцна се претвори и во физички конфликт. Има 12 уапсени лица, а случајот допрва треба да добие разрешница.
Капитенот на македонската репрезентација, Барди, смета дека однесувањето на гостите било провокативно.
„Сакам да зборуваме за фудбалот бидејќи ние сме фудбалери, тоа е наша работа. Никој не треба да ги прави овие провокации. Оваа сцена е нешто што досега не сум го доживеал. Тие се обидоа да ги испровоцираат луѓето додека славеа на крајот од натпреварот. Имаше многу јасен фаул пред третиот гол на Фенербахче, не знам зошто судијата не го поништи, беше чист фаул. На крајот имаше слики што не ги сакаме“, рече Барди.