
Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер (20:45 часот) го игра последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026. Со реми или победа на гостувањето во Кардиф против Велс, нашиот национален тим ќе заврши на второто место во групата и ќе добие полесен противник во плејофот за место на Мундијалот.
Капитенот Енис Барди верува дека Македонија ќе одолее на предизвикот и дека иако против себе ќе има максимално мотивирана публика во Кардиф, во мислите ќе ја имаат поддршката од цела држава.
„Секогаш велам дека треба да уживаме, пред сѐ затоа што имаме можност да ја претставуваме Македонија, а потоа и бидејќи знаеме дека ќе ја имаме поддршката од целата држава, од сите луѓе во Македонија. Можеби ќе имаме многу помалку фанови на стадионот утревечер, но во мислите знаеме дека цела Македонија ќе биде со нас. Нѐ очекува тежок натпревар, но знаеме како да одговориме на предизвикот“, изјави капитенот Енис Барди.

