Барселона би можела да биде значително ослабена за гостувањето на „Џузепе Меаца“, за натпреварот против Интер во Лигата на шампионите. Од клубот потврдија дека Луис Суарес чувствува болки во левото колено, па одлучи да не настапува за Уругвај во овој репрезентативен циклус со цел што побрзо да го реши проблемот.
Од медицинскиот тим на Барса истакнаа дека Суарес деновиве ќе продолжи со физикална терапија за да се врати на терените во најскоро време. Меѓутоа, можно е Уругваецот да не игра за каталонскиот гигант во првиот меч во ЛШ по завршувањето на репрезентативната пауза, во мечот против Интер, кој е закажан за 24-ти октомври.
По сите изгледи, Суарес нема да игра и четири дена порано, кога Барса ќе се сретне со Севилја во рамките од Ла Лига, додека по средбата со Интер, шпанскиот првак го очекува првото Ел Класико за оваа сезона против Реал Мадрид, дербито кое е предвидено да се игра на „Камп ноу“ на 28-ми октомври.