Барселона во моментов ја мачат две големи неизвесности, прашањето за регистрациите на играчите и враќањето на својот стадион „Камп ноу“, кој се реновира подолго од планираното и фановите се нетрпеливи да се вратат на најголемиот стадион во Европа.
Барса има намера да игра како домаќин на „Камп ноу“ на 14 септември против Валенсија. Сепак, во овој момент е неизвесно дали ќе може да го стори тоа бидејќи нема потребни дозволи за отворање на стадионот. Понеделник е „Денот Д“ кога чекаат градежен сертификат со кој потоа би барале дозвола од градскиот совет за да може делумно да биде пуштен стадионот и против Валенсија да има 27.000 гледачи.
Има и една друга проблематична работа. Барса мора најдоцна до 28 август да ја извести УЕФА, каде што ќе ги игра натпреварите од лигашкиот дел од Лигата на шампионите. Правилата велат дека тимовите мора да ги играат сите домашни натпревари од првата фаза на истиот стадион. Во клубот се уверени дека сè ќе биде решено до тој ден, но во овој момент никој не е апсолутно сигурен.
Идејата беше стадионот да се отвори со капацитет од 60.000, но тоа сега се покажа како невозможно. Затоа Барселона ќе се врати на „Камп ноу“ во три различни фази. Првата е да играат со капацитет од 30.000, втората, која е планирана за натпреварите од ЛШ да биде со 45.000 гледачи, а третата ќе биде 60.000. Инаку, кога ќе заврши комплетното реновирање, на трибините ќе може да има над 105.000 публика.