Барса го доби градското дерби со Еспањол и сега е на +9 во однос на Реал (Видео)

Барселона уште еднаш ја потврди доминацијата во Ла Лига, откако на домашен терен убедливо ја совлада Еспањол со 4-1 во градското дерби од 32-то коло.

Каталонскиот тим ја оправда улогата на фаворит и уште од почетокот ја наметна својата игра, предводена од инспирираниот Ламин Јамал и ефикасниот Феран Торес. Резултатот беше отворен во деветтата минута, кога по корнер на Јамал, Торес со глава го совлада Марко Дмитровиќ.

Барселона продолжи со контрола на играта, а вториот погодок пристигна во 25-та минута. Јамал со маестрално додавање со надворешен дел од стапалото го пронајде Торес, кој рутински ја смести топката зад голманот на Еспањол.

Иако домаќинот имаше целосна иницијатива, Дмитровиќ со неколку интервенции го одржуваше својот тим во игра, особено по ударот на Фермин пред крајот на првиот дел.

На стартот од второто полувреме, Барселона накратко постигна и трет гол преку Торес, но погодокот беше поништен по ВАР поради офсајд. Еспањол потоа се врати во игра со голот на Пол Лозано во 56-та минута, што донесе кратка неизвесност.

Сепак, Барселона брзо ја затвори приказната. Прво Ламин Јамал во 87-та минута реализираше контранапад за 3-1, а само две минути подоцна Маркус Рашфорд ја круниса акцијата во која учествуваа и Френки де Јонг и повторно Јамал.

Со оваа победа, Барселона се зацврсти на врвот со 79 бодови, девет повеќе од Реал Мадрид, додека Еспањол останува на средината од табелата со 38 бодови.

- Оглас -

Најнови вести