Рома го официјализираше ангажманот на Карлес Перес од Барселона, кој на „Олимпико“ доаѓа на шестмесечна позајмица со обврска Волчицата да го откупи по крајот на сезоната. Римјаните во јуни ќе исплатат 11 милиони евра за 21-годишниот крилен офанзивец, додека предвидени се уште 4,5 милиони евра да легнат на сметка на Каталонците доколку се исполнат одредени бонуси.
По шестмечената позајмица ќе стапи договорот на Перес и ќе важи до јуни 2024 година. Рома воедно ќе мора да се консултира со Барселона во случај на евентуална продажба во иднина.
„Напуштам великан како Барселона, но ќе играм исто така за голем клуб како Рома. Со нетрпение чекам да се запознаам со новите соиграчи“, истакна Перес за официјаната интернет-страница на Рома.
Младиот шпански интернационалец сезонава доби прилика да настапи на 11 натпревари за Барселона на коишто реализира два погодока.