Двомечот меѓу Барселона и Манчестер јунајтед ќе го одбележи четвртфиналето во Лигата на шампионите, тоа е парот од кого се очекува да го оправда епитетот дерби во оваа фаза. Во кратката, но богата историја која ја делат двата еропски гиганти ќе бидат испишани нови страници, со два нови спектакли, поврзаноста меѓу Каталонците и „црвените ѓаволи“ ќе биде уште посилна.
Пред повеќе од 74.000 навивачи на „Олд Трафорд“, трикратниот европски шампион утре ќе го пречека шпанскиот гигант кој брои пет европски титули, додека седум дена подоцна на „Камп ноу“ ќе се дознае патникот во полуфиналето од континенталниот шампионат. За Барса и Јунајтед тоа ќе бидат деветти и 10-ти меѓусебен дуел, а откако Лигата на шампионите се игра во овој формат, двата гиганти вкупно осум пати се сретнале низ историјата.
Во сезоната 1994/95, групната фаза за првпат ги спои, а Барселона издвои подобар исход од двата меча со победа од 4-0 на домашен терен и реми од 2-2 на гости. Четири сезони подоцна, ждрепката за групи повторно им даде шанса да се надигруваат, во два наврати ремизираа со 3-3 и 0-0. Во сезоната 2007/08, или една деценија подоцна, судбината сакаше Барса и Јунајтед за првпат да се докажуваат во нокаут-фаза, се бореа за пласман во финалето, а еден гол на Сколс во пресметката во Манчестер го реши двомечот, откако на „Камп ноу“ немаше голови (0-0).
Како доказ дека во тој период беа најдобрите екипи во Европа, во 2009 година на „Олимпико“ во Рим, Манчестер јунајтед и Барселона се бореа за престижниот пехар, а Каталонците, благодарение на Ето‘о и Меси со конечни 2-0 ја освоија европската круна. Две години подоцна, репризното финале овојпат се играше на „Вембли“, а Барселона повторно застана на победничката страна, Јунајтед среде Лондон загуби со 3-1, тоа беше последен судир меѓу англискиот и шпанскиот великан.
Не се само меѓусебните дуели, Барселона и Манчестер јунајтед се поврзани на повеќе начини. Честа на двете екипи ја бранеле многу познати фудбалски имиња, меѓу попознатите се: Жарарт Пике, Златан Ибрахимовиќ, Алексис Санчес, Лоран Блан, додека Луис ван Хал бил тренер и на двата тима, а Жозе Мурињо тренерскиот занает го изучуваше токму во Блауграната, пред да стане Специјален и да достигне до клупата на „Театарот на соништата“.
Иако е рано да се зборува и допрва треба да се одигра првиот од двата меча, Оле Гунар Сослкјер со нетрпение го очекува реваншот на „Камп ноу“. На тој стадион Норвежанецот го постигна фамозниот гол во последните минути против Баерн Минхен, со кој „црвените ѓаволи“ стигнаа до европскиот трон и ја комплетираа тројната круна во 1999 година.
Европа очекува нови возбудувања, на ред се Барселона и Јунајтед да ги оправдаат тие очекувања и да приредат спектакл во Манчестер, а и по седум дена во каталонската престолнина.