Барса, Манчестер ј., Баерн и Реал не може да го издржат ритамот?

Фудбалската сезона во Европа започна неодамна и веднаш започна пеколниот ритам за големите екипи. Минатата недела стартуваа мечевите од Лигата на шампиони и Лигата на Европа, викендот продолжија возбудувањата во домашните првенства, а сега, само по два-три дена, повторно мораа да играат средби од Купот или првенството.

Токму во изминативе два дена се случија и првите големи изненадувања. Гигантите кои беа фаворити, киксираа на мечеви на кои во минатото без проблеми би се радувале. Баерн Минхен на „Алијанц арена“ одигра само 1-1 против Аугсбург, тимот за којшто не би ни помислиле дека може да си замине непоразен од гостување кај најтрофејниот тим во Германија.

Манчестер јунајтед играше со комбиниран состав, но тоа не е оправдување за елиминацијата од Лига купот, и тоа од Дерби каунти, клуб кој не е ни во иста лига со „црвените ѓаволи“. Манчестер во 95-тата минута даде гол за 2-2, но не се спаси од пораз бидејќи беше елиминиран во пенал-рулетот.

Барселона минатата сезона во Примера дивисион дури во 35-тото коло го доживеа првиот и единствениот пораз, кога на доминантен начин стигна до титулата. Сепак, сега каталонскиот гигант не е во ист ритам. Најпрво одигра 2-2 на свој терен против Жирона, а синоќа загуби на гости кај Леганес (2-1), кој имаше само еден бод во претходните пет меча. Со таа победа, Леганес избега од дното на табелата во Шпанија.

Реал имаше многу потешка задача од Барселона, Манчестер ј. или од Баерн. Кралскиот клуб гостуваше кај Севилја, каде што и често знае да си замине со пораз. Сепак, начинот на којшто загуби Реал покажува немоќ. Мадриѓаните губеа со 3-0 по првото полувреме (за првпат по 15 години во Шпанија) и на крајот може да бидат задоволни што тоа остана и како конечен резултат.

Според овие резултати, очигледно е дека фаворитите го губат ритамот во жестокото темпо да играат на секои 2-3 дена.

 

- Оглас -

Најнови вести