Големото шпанско дерби помеѓу Реал Мадрид и Барселона на „Сантијаго Бернабеу“ понуди вистински спектакл, со многу драматични моменти и три погодоци, а Кралевите славеа со 2-1. Сега тимот на Чаби Алонсо има пет бода предност пред Барселона на врвот на табелата во Ла Лига.
Натпреварот започна бурно и контроверзно уште во третата минута, кога судијата првично досуди пенал за Реал. По интервенција на ВАР, сепак, беше утврдено дека прекршокот го направил Винисиус врз Јамал, па одлуката за пенал беше поништена.
Само неколку минути подоцна, во 12-та, Мбапе ја затресе мрежата на Барселона, но голот беше поништен поради минимален офсајд.
Сепак, во 22-та минута, францускиот ас Килијан Мбапе го отвори резултатот. По прецизно додавање од Џуд Белингам, Мбапе шутираше неодбранливо и донесе водство за Реал, предизвикувајќи еуфорија на „Бернабеу“.
Барселона не се предаде и во 38-та минута успеа да израмни преку Фермин Лопез, кој ја искористи грешката на Арда Гулер и го доведе резултатот на 1-1.
Радоста на каталонците траеше кратко, бидејќи само пет минути подоцна, Белингам маестрално ја претвори асистенцијата на Милитао во погодок и донесе ново водство за Кралевите.
Во самиот финиш на првото полувреме, Реал повторно постигна гол, но ВАР реагираше и го поништи, бидејќи Мбапе се најде во очигледна офсајд позиција. Со тоа, резултатот на паузата остана 2-1 за Реал Мадрид, додека публиката на „Бернабеу“ остана во неизвесност за вториот дел.
Во вториот дел, Мбапе имаше можност да постигне трет гол за Реал, но во 52-та минута не успеа да реализира пенал. Шчесни го одбрани неговиот удар.
Родриго имаше шанси, откако влезе во игра на местото на Винисиус јуниор, а Жул Кунде можеше да израмни, ако подобро го прифатеше проигрувањето од Ламин Јамал.
Во завршницата, Педри доби втор жолт картон и беше исклучен, а Реал Мадрид ја сочува предноста од 2-1.
Овој Ел Класико уште еднаш потврди дека дуелот меѓу Реал и Барселона не е само натпревар, туку спектакл полн со емоции, контроверзии и неизвесност до самиот крај.

