Барса не му дозволува на Реал да испише историја, Обамејанг оди по рекорд

Барселона без поголеми проблеми ја победи Селта со 3-1, гостите во последниот половина час играа и со човек помалку, а Каталонците со овој триумф ја спасуваат својата чест.

Најголемата разлика помеѓу шампион и второпласиран во шпанската лига биле 15 бода, а како што стојат работите, Барса нема да му дозволи на Реал Мадрид да постави рекорд и титулата да ја освои со рекордна разлика.

Пјер-Емерик Обамејанг, кој во Барселона е од јануари, вечерва даде два гола и сега има 11 погодоци во шпанската лига. На популарниот Оба му фалат уште два гола за да го изедначи рекордот на Никола Жигиќ од 2009 година, со 13 погодоци за најефикасен фудбалер кој во Шпанија дошол на полусезона.

Голот за Селта го даде Јаго Аспас, негов десетти на 17 меча против Каталонците. Во 21 век, само тој и Диего Форлан дале 10 гола против Барселона. Кристијано Роналдо имаше девет.

Осман Дембеле вечерва со две клучни додавања, го надмина Карим Бензема како прв асистент во Ла Лига сезонава.

На мечот со Селта имаше и непријатна случка за Барселона, Гави и Араухо се судрија со глави, Араухо на кратко ја загуби свеста, па со амбулантно возило беше префрлен во болница.

- Оглас -

Најнови вести