Барса не треба да се грижи за слабиот старт на сезоната

Атлетик Билбао им одзеде три бода, вчера Осасуна еден, а Бетис беше блиску до изненадување на „Камп ноу“ во единствената победа на Барселона за оваа сезона во Ла Лига. Актуелниот шпански првак освои само четири бода по првите три кола, учинок кој би требало, но не го загрижува Ернесто Валверде.

Зошто е тоа така, говори следниот факт. Барселона ретко кога бележи ваков слаб старт на сезоната, а последен пат кога имаа четири бода по првите кола, истата сезона подоцна направија историски подвиг до тројната круна. Тоа беше во сезоната 2008/09, во првата сезона на Пеп Гвардиола како тренер на Каталонците.

Пораз од 1-0 против Нумансија на стартот, реми од 1-1 против Расинг Сантандер, па убедливи 6-1 против Спортинг  Хихон беа резултати по кои Барселона тргна во походот и ја освои Шпанија (првенството и купот) и Лигата на шампионите во истата сезона.

Ако досега нешто сме научиле, тоа е дека историјата може да се повтори, па дали оваа турбулентна форма најавува многу посилна Барселона во наредниот период, ќе покаже времето.

 

- Оглас -

Најнови вести