Атлетико Мадрид одигра фуриозни 45 минути и во полуфиналето на Купот на кралот води со убедливи 4-0 против Барселона. Ова на каталонскиот клуб му се нема случено од 1953 година, кога исто така губел на полувреме со 4-0 од Реал.
Уште во третата минута домаќинот најави што ќе се случува. Антоан Гризман со мајсторски потег ја исфрли од игра целата одбрана на Барса, а Симеоне излезе сам пред голманот Гарсија, кој овојпат успеа да спаси сигурен погодок.
Само три минути подоцна, шок за Каталонците. По безопасно враќање на топката од Ерик Гарсија кон голманот Жоан Гарсија, топката му помина под ногата и заврши зад гол-линијата. Иако акцијата продолжи и Лукман ја затресе мрежата, јасно беше дека станува збор за бизарен автогол.
Атлетико продолжи да гази. Во 14-тата минута, по корнер на Барселона, следуваше брз контранапад. Гризман во завшницата му ја протна топката низ нозете на Кунде за 2-0.
Барселона се обиде да возврати. Во 20-тата минута Фермин ја погоди гредата по корнер, а само три минути подоцна Хулијан Алварес пропушти зицер – во контранапад не успеа доволно да ја подигне топката и беше блокиран.
Во 33-тата минута веќе веше 3-0. Брза, течна акција по десната страна, топката се движеше како по конец, а Алварес несебично го проигра Лукман, кој без проблеми реализира.
Тренерот Флик реагираше и уште во 37-мата минута го внесе Левандовски во игра, обидувајќи се да разбуди нешто во нападот. Барселона до крајот на полувремето изгледаше малку поорганизирано, Фермин повторно се закани, но далеку од нивото што се очекува во ваков натпревар.
Круната на брилијантното полувреме на Атлетико пристигна пред паузата, уште една акција по десната страна преку Симеоне, Лукман му врати на Алварес, а Аргентинецот силно ја закова топката во мрежата за неверојатни 4-0.
Вистинска фудбалска лекција од Атлетико во првите 45 минути.

