Барселона си го враќа своето дете на „Камп Ноу“, а на адреса на Динамо Загреб има и официјална понуда од шпанскиот гигант за кам-бек на Дани Олмо.
Сите шпански спортски медиуми ја објавија веста дека Барселона има понуда за Динамо, но засега не се знае дали загрепчани ќе ја прифатат и кога ќе се случи трансферот.
Едната варијанта е Олмо да се врати на „Камп Ноу“ веќе во зимскиот преоден рок, а а се размислува и 21-годишниот сениорски репрезентативец на Шпанија да остане до крајот на оваа сезона во Динамо и потоа да замине назад во Шпанија.
Олмо беше член на младинскиот погон на Барса од 2007 до 2014 година, а потоа Динамо направи ол-стар потег со ангажманот на некогашниот член на Ла Масија.
Го купи Олмо за „ситни“ пари, а само една сезона подоцна Барса се обиде со понуда од еден милион евра да го врати назад големиот талент. Динамо повторно одигра мудро и ја одби понудата, па сега сигурно ќе инкасира најмалку 20-25 милиони евра, ако не и повеќе. Од Динамо објавија дека цената за Олмо е 40 милиони евра.
Олмо напредуваше во Динамо со огромни чекори, стаса и до А селекцијата на Шпанија, а беше еден од најдобрите играчи на последното ЕП за фудбалери до 21 година, на кое „црвената фурија“ ја освои шампионската круна.