Барселона беше меѓу најактивните клубови во завршницата на преодниот рок. Каталонците продадоа повеќе играчи кои им беа вишок, а се ослободија и од Антоан Гриезман, кого го испратија во Атлетико Мадрид. За да не останат со опција помалку во нападот, Каталонците го доведоа Лук Де Јонг од Севилја, истотака како позајмен.
Така, холандската колонија во Барселона се зголемува со напаѓач кој добро игра со глава, а беше резерва во Севилја. Интересно е што официјализацијата на позајмиците на Гриезман и Де Јонг дојде после полноќ, но од шпанската лига потврдија дека документите биле доставени навреме, пред истекот на преодниот рок.
Барса сакаше од Атлетико да го земе Жоао Феликс во замена за Гриезман, но таа варијанта пропадна, бидејќи Јорганџиите одбија таква размена. Се шпекулираше дека Барселона можеби ќе го земе Единсон Кавани, но Уригваецот од Манчестер јунајтед им беше прескап, па мораа да се задоволат со Де Јонг.
Во минатата сезона, од 122 гола на Барса, дури 58, што е речиси половина, или точно 47 проценти, ги постигнаа Лионел Меси и Гриезман. Сега двајцата ќе ги нема во составот на Куман, па тимот ќе треба да најде решенија за да нема голем пад во ефикасноста.