Барселона чекаше 101 година за да се појави ваков фудбалер, а Чави откри што очекува од него!

Ламин Јамал е 15-годишниот фудбалски талент, кој синоќа дебитираше во сениорскиот тим на Барселона. Во игра влезе во 83 минута на местото на 18-годишниот Гави и одигра 10-тина минути во кој покажа дел од својот раскошен талент.

Јамал дебитираше со точно 15 години, девет месеци и 16 дена и на тој начин го сруши вековниот рекорд кој го држеше Арманд Мартинез Саги. Во далечната 1922 година, Саги стана најмлад дебитант во историјата на Барселона и неговиот рекорд беше активен се до синоќа, кога на теренот на „Камп Ноу“ се појави Јамал и за малку дури ќе постигнеше и гол.

https://twitter.com/i/status/1652421981051011074

Јамал сезонава одигра дури 28 мечеви за У19 тимот на Барселона, иако има само 15 години. Во овие 28 средби, тој има биланс од осум погодоци и исто толку асистенции. Јамал е најмладиот дебитант во историјата на Барселона, но во историјата на Примера дивисион е на петото место на оваа листа.

Тренерот на Барселона, Чави Ернандес вели дека тоа е фудбалер кој може да одбележи една ера во фудбалот.

„Ламин е многу добар. Му реков да се обиде да биде опасен во нападот и тоа му успеа. Замислете има само 15 години! Малку фалеше да постигне гол. Посебен е, полн е со самодоверба и може да стане важен играч. Доволно е да го гледате на тренинг и ќе го сфатите тоа. Сличен е како Меси и Фати кои истотака дебитираа многу млади. Тој е фудбалер кој може да одбележи една цела ера во Барселона“, вели Чави

 

- Оглас -

Најнови вести