Барсa чекаше 87 години и конечно дочека

Барселона по втор пат за само четири дена го победи Реал и тоа на „Сантијаго Бернабеу“, потврдувајќи дека каталонците се тие кои доминираат во Шпанија. Актуелниот шпански првак вечерва даде само еден гол, но и тој беше доволен за победа.

Со освоените три бода, Барселона стигна до 60, а Реал остана на 48, па Кралскиот клуб сега е со минимални шанси да се бори за трофејот во Примера дивисион. Освен што ова беше многу важен триумф во трката за шампионатот, Барселона направи нешто што чекаше неверојатни 87 години.

Требаше да се одигра 242-то Ел Класико, за Барселона да стигне до позитивен скор во меѓусебните дуели со Реал. За Барселона ова беше 96-та победа, Реал остана на 95 триумфи, а 51 мечеви завршиле нерешено. Последен пат Барселона беше подобра во овие дуели во јануари 1932 година. Најголемата разлика во победи во полза на Реал беше во 1965 година, кога „кралевите“ имаа 16 победи повеќе.

Барса во ерата на Лионел Меси е многу поуспешна од Реал на мечевите на „Сантијаго Бернабеу“. До 2003 година, каталонците на 74 гостувања во Мадрид, имаа само 13 победи. Од 2004 наваму, Барса го добива секое второ гостување кај Реал (12 победи на 24 меча). Последната декада е особено деморализирачка за Реал и неговите навивачи. Од 2009 наваму, Барса на „Бернабеу“ има победи од 6-2, 4-0, 3-0, победа со гол во последна минута.

- Оглас -

Најнови вести