Барселона џабе го купи и Левандовски, продолжи да губи од Баерн Минхен, Ливерпул победи со гол во 89-тата минута (Видео)

Баерн Минхен го доби дерби-дуелот против Барселона со 2:0, па германскиот првак сега е лидер во групата со максимални шест бода, додека Каталонците останаа на три бодови, колку што има и Интер.

На „Алијанц арената“ дуелот беше решен само за четири минути, и тоа на почетокот на второто полувреме. Лукас Хернандес погоди со глава по корнерот на Кимих во 50-тата минута.

Само четири минути подоцна, Баерн по вторпат се радуваше. Лерој Сане на елегантен начин го матира Тер Штеген за 2:0. Ова е петта победа во низа за Баерн во дуелите со Барселона.

Во второто дерби на некогашните европски прваци, Ливерпул со 2:1 го победи Ајакс, и тоа благодарение на голот на дефанзивецот Матип, кој погоди со глава во 89-тата минута. Претходно Ливерпул поведе со погодокот на Мохамед Салах, а Ајакс израмни на 1:1 преку Кудус. 

Бриж стигна до најубедливиот триумф вечерва откако на гости со 4:0 го победи Порто и со максимални шест бода е лидер во групата каде што вечерва Баер Леверкузен со 2:0 славеше над Атлетико Мадрид.

Во мечот кој беше со најголем ризик, барем кога се работи за навивачите, Ајнтрахт Франкфурт со 1:0 победи на гости кај Олимпик Марсеј.

- Оглас -

Најнови вести