Лекарската комисија на Шпанската фудбалска федерација денеска даде зелено светло за Барселона да купи нов фудбалер откако докажаа дека Усман Дембеле нема да може да игра повеќе од пет месеци. Со оглед на тоа дека Дембеле е офанзивец, а на листата на повредени им е и Луис Суарес, јасно е дека Каталонците ќе ангажираат напаѓач.
Правилата велат дека тимот смее да ангажира нов играч во следните 15 дена. Фудбалерот кој ќе го донесат мора да биде од некој друг шпански клуб и нема да има право да игра во Лигата на шампионите, туку само во шпанското првенство.
Низ медиумите се шпекулираше со многу имиња како потенцијални засилувања за Барселона. Вилијан Жозе од Реал Сосиедад, Анхел од Хетафе, Лукас Перес од Алавес, Родриго од Валенсија, Унал од Валјадолид, Будимир од Мајорка се дел од имињата кои се вртат во јавноста, а денеска се спомнува и Данецот Мартин Брајтвајт од Леганес.