Барселона пред неколку дена официјално му достави понуда за нов договор на Роберт Левандовски, но во клубот очигледно не очекуваа дека ситуацијата ќе добие ваков пресврт.
Познато е дека полскиот напаѓач има договор со каталонскиот клуб до крајот на сезоната, а во повеќе наврати јавно истакнуваше дека сака да остане на „Камп Ноу“ и дека не размислува за трансфер во друг клуб.
Дури се појавија и шпекулации дека Левандовски би можел да ја заврши кариерата доколку не добие продолжување на соработката, бидејќи не е особено заинтересиран за нов почеток во друга средина, особено кога неговото семејство е добро прилагодено во Барселона.
Понудата од клубот е за уште една сезона, при што се очекува Левандовски да има помала улога и да биде опција од клупата во нападот.
Во Барселона биле убедени дека напаѓачот без двоумење ќе ја прифати понудата, но развојот на настаните ги изненадил.
Имено, се појавиле информации дека Левандовски паралелно води разговори и со други клубови, а еден од нив посебно се издвојува, тоа е Милан.
Италијанскиот гигант очајно бара класичен голгетер, а најголемото изненадување за Каталонците било тоа што Левандовски наводно лично стапил во контакт со Златан Ибрахимовиќ и се понудил на Росонерите.
„Газета дело Спорт“ пренесува дека Полјакот е подготвен за преселба во Милано, но дека Милан не може да ги исполни неговите финансиски барања. И покрај тоа, клубот останува силно заинтересиран и прави напори да постигне договор.
Во Барселона за ова дознале дури по официјалната понуда за продолжување на договорот, што дополнително ги изненадило челниците на клубот.

