Вечерашниот меч помеѓу Барселона и Алмерија на „Камп ноу“, ќе биде последен за Жерард Пике во неговата играчка кариера, а Барса која со одредени постапки го натера Пике ненадејно да се повлече, сега на својот легендарен дефанзивец му подготви специјално испраќање во фудбалска пензија.
Каталонците ги повикаа сите навивачи кои вечерва ќе бидат на трибините, да носат дрес со бројот 3 на грбот, во чест на Пике.
Кога ќе излезат на загревање, сите фудбалери на Барселона ќе носат маици со бројот 3 и Пике, а потоа ќе биде истакнат и голем банер на кој ќе пишува Sempr3, што во превод би значело Секогаш3. Истотака на голем екран ќе се прикаже специјално подготвено видео кое треба да биде еден од најемотивните моменти.
Пике 14 сезони играше за Барселона, освои 30 трофеи, а одигра 615 меча. Откако ќе заврши мечот, Пике ќе истрча почесен круг за да ги поздрави сите фанови кои ќе бидат на трибините.