Барселона го доби „лудиот“ меч во Белград, „партизановецот“ Пантер ја реши Црвена ѕвезда (Видео)

Барселона победнички си заминува од Белград по дуелот против Црвена ѕвезда, откако каталонскиот гигант славеше со 98:94 во пресметка на која мораше да се играат дополнителни пет минути за да се реши победникот. По регуларниот дел беше 84:84, а во продолжението, Барселона стигна до триумф во „луд“ меч кој траеше два и пол часа, а имаше преку 25 промени на водството, што доволно покажува колку беше неизвесно. На крајот, херој на мечот е Кевин Пантер кој погодуваше тројки кога беше најпотребно за гостите.

Барселона добро го започна дуелот и поведе со 11:5, но домаќините се вратија во игра и стигнаа до минус еден (25:26). Во втората четвртина Црвена ѕвезда водеше со шест поени (39:33), а на полувреме замина со предност од 47:44.

Во средината од третата четвртина Црвена ѕвезда стигна до највисоката предност од девет разлика (65:56), но Барселона не се предаде и со серија од 11:1 стигна до водство од 67:66. Тоа беше најава дека ќе има неизвесна завршница. Во последните 100 секунди се влезе со резултат 80:80. На 20 секунди до крајот Црвена ѕвезда водеше со 82:81, домаќините промашија едно слободни фрлање и Барселона имаше напад за победа. Кевин Пантер погоди тројка за 84:82 на 10 секунди до крајот, а потоа Јаго Досантош погоди за 84:84 на неполни пет секунди до крајот.

https://twitter.com/i/status/1847370458355978560

Во продолжението од пет минути неизвесноста продолжи, а во последната минута се влезе со резултат 93:93. Тогаш повторно одговорноста ја презеде Пантер кој погоди тројка за 96:93, а потоа ги даде и полседните поени на мечот за триумф од 98:94. Црвена ѕвезда останува повеќе од седум години да чека да се израдува на победа против Барселона.

На останатите три меча кои се играа вечерва, се радуваа домаќините. Монако беше убедлив и со 101:85 славеше над Виртус Болоња, турскиот Ефес во драматичен меч беше подобар од Олимпијакос со 91:89, а Асвел со 76:69 ја победи Басконија.

- Оглас -

Најнови вести