Само по неколку месеци откако најави дека оди во фудбалска пензија, голманот Војќех Шченсни повторно е активен. И тоа не каде било, туку во Барселона. Некогашниот голман на Арсенал, Рома, Јувентус и репрезентативец на Полска потпиша договор со каталонскиот гигант до крајот на сезоната.
Бидејќи доаѓа како слободен играч, потписот на Шченсни веднаш е регистриран и тој веќе може да заигра во шпанското првенство. Дилема беше дали голманот ќе добие право за настап и во Лигата на шампионите затоа што екипите ги имаа испратено пријавените фудбалери пред почетокот на првото коло.
Сепак, Шченсни ќе брани за Барселона и во елитната лига на УЕФА, и тоа благодарение на едно правило кое го искористија Каталонците. Од УЕФА дозволуваат да има дополнително пријавен играч доколку тој доаѓа на место на некој кој е повреден и за кого се знае дека нема да може да настапи до крајот на сезоната.
Токму таков е случајот со Шченсни затоа што тој е повикан на местото на Марк-Андре тер Штеген, кој ги скина лигаментите на коленото и ќе отсуствува во следните седум-осум месеци.
Во Лигата на шампионите следен ривал на Барселона е Баерн Минхен, а потоа Каталонците ќе гостуваат и кај Црвена ѕвезда. Тимот на Ханси Флик има три бода по првите две кола во ЛШ.