Францускиот интернационалец Жан-Клер Тодибо во 2019 година беше купен од Барселона само за еден милион евра од Тулуз. Фудбалерот беше испраќан на позајмици, а одигра само пет натпревари за Каталонците.
Барселона заработи 1,5 милиони евра од неговата позајмица во Шалке и два милиони евра од позајмицата во Бенфика, за на крајот сепак да биде продаден на Ница за 8,5 милиони евра. Каталонците од францускиот клуб добија и дополнителни седум милиони евра во бонуси, а сега може и дополнително да заработат.
Тодибо игра одлично за Ница, која е на второто место во француското првенство, па интерес за него има од Манчестер јунајтед и Челзи, кои се подготвени да платат 60 милиони евра за неговите услуги.
Барселона кога го продаде на Ница, во договорот стави клаузула дека ќе добие 20% од следниот трансфер на фудбалерот, па сега Каталонците може да се надеваат уште на 12 милиони евра заработка од фудбалерот за кого платија само еден милион евра во 2019 година.