Ракометниот тим на Барселона е вториот финалист на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн. Каталонците на убедлив начин го совладаа Кил со 30-18 и закажаа финале против Алборг, кој во првата полуфинална пресметка славеше против Магдебург со 28-26.
Апсолутно немаше неизвесност во второто полуфинале во „Ланксес арена“.
Германците имаа минимално водство (4-5 и 5-6) само двапати во текот на мечот, а речиси 60 минути доминираше составот на Барселона.
На полувремето Барселона обезбеди шест гола предност (15-9), а во вториот дел зголеми на двоцифрена разлика.
Одличен на голот на Барселона беше голманот Нилсен, а најефикасен во победничиот тим беше Мелвин Ричардсон со пет постигнати гола.
В недела, во финалето ќе се сретнат Барселона и Алборг, додека во мечот за третото место ќе има германска пресметка меѓу Магдебург и Кил.