Раководството на Барселона настојува во овој преоден рок да го ангажира еден од најдобрите фудбалери на неодамна завршеното Европско првенство, Дани Олмо. Фудбалерот кој потекнува од академијата на „каталонците“, а сениорската кариера ја градеше во Динамо Загреб и Лајпциг е најголемата желба на спортскиот директор на Барселона, Деко.
Цената на Олмо до први август е 60 милиони евра, а потоа Лајпциг ќе ја одредува сумата за која ќе го продаде фудбалерот. Барселона и официјално испрати понуда до екипата од Бундес лигата, но таа веднаш и без размислување е одбиена.
Понудата која ја испратија од Барселона е 40 милиони евра плус дополнителни 20 милиони евра во бонуси во зависност од ефектот и успешноста на фудбалерот. Ова не беше прифатливо за Лајпциг, од каде се подготвени да прифатат 60 милиони евра плус бонуси.