Барселона и Реал Мадрид заработуваат најмногу пари од продажба на дресови и останати сувенири

Најголемите шпански клубови Барселона и Реал Мадрид се најдоа на првите две места на светската листа по бројот на продадени дресови и останати сувенири во 2025 година. Според достапните податоци, Барселона заработила 277 милиони евра од продажба на дресови, додека Реал Мадрид веднаш е зад каталонскиот гигант со приход од 231 милиони евра. Во Топ 3 во оваа категорија е и Баерн Минхен со заработувачка од 189 милиони евра.

На врвот во Топ 3 нема ниту еден англиски клуб, но ако се погледне листата во Топ 10, половина од клубовите се од англиската Премиер лига. Манчестер јунајтед е прв меѓу англиските екипи, а четврти на светската листа со заработка од 172 милиони евра од продажба на дресови и други артикли за навивачите со клупскиот амблем на клубот.

По Манчестер јунајтед следуваат Арсенал и Ливерпул со заработка од 151 милиони евра и 148 милиони евра. Тотенхем е на седмото место со 102 милиони евра. Турскиот гигант Галатасарај е на осмото место со 99 милиони евра заработувачка, додека Челзи, кој е актуелен светски клупски првак, е деветти на оваа листа со заработка од 95 милиони евра. Листата од Топ 10 ја затвора францускиот гигант и актуелен европски првак Пари Сен Жермен со 88 милиони евра приходи од маркетинг во 2025 година.

Ниту еден италијански тим нема во Топ 10 на оваа листа. Прв калчолигаш на листата е Милан со заработка од 68 милиони евра и е на 13-тото место во светски рамки. Јувентус е на 15-тото место со заработка од 56 милиони евра, а веднаш потоа следува Интер со заработка од 55 милиони евра. Рома е дури на 24-тото место со заработка од 25 милиони евра од приходи од маркетинг во 2025 година.

- Оглас -

Најнови вести