Раководството на Ла Лига неодамна забрани регистрација на нови играчи за Барселона, поради новите и построги одредби за финансискиот фер-плеј. Со заострување на критериумите за трошење пари на трансфери и плати, клубот се соочи со проблем при регистрацијата на Дани Олмо, која важи до крајот на годината.
Според актуелната состојба, Олмо нема да може да настапува за Барселона во 2025 година, но каталонските медиуми „Спорт“ и „Мундо Депортиво“ тврдат дека Каталонците пронашле решение.
Барселона планира да заработи 120 милиони евра за само четири дена преку долгорочна продажба на места во ВИП ложите на реконструираниот „Камп Ноу“. Овој потег би овозможил клубот значително да ги зголеми приходите и да ги усогласи новите трошоци со правилата за финансиски фер-плеј.
Оваа сезона, Олмо имаше проблеми со повреди, но сепак одигра 15 натпревари во Ла Лига и Лигата на шампионите, постигнувајќи шест гола и една асистенција. Каталонскиот клуб го донесе летово од Лајпциг за 55 милиони евра.