Барселона не успеа да ја одбрани титулата во Примера дивисион, а испадна и од Купот на Шпанија. Единствена шанса за трофеј на Каталонците е тој во Лигата на шампиони, што би било еден вид спас на сезоната. Сепак, без разлика на тоа што ќе се случи во ЛШ, уште од сега е речиси сигурно дека тренерот Кике Сетјен ќе си замине од клупата.
Главната цел на Барселона е на тренерското место да ја доведе некогашната играчка легенда Чави Ернандес, но тоа е тешко остварливо во следните неколку месеци. Чави неодамна го продолжи договорот со Ал-Сад, па најверојатно дури во јуни 2021 година би можел да се врати на „Камп ноу“.
Според францускиот весник „Л’Екип“, Барселона ќе направи комбинација со тоа што за нов тренер во следната сезона ќе го промовира Лорен Блан, а од јуни 2021 година на клупата ќе седне Чави.
Блан веќе четири години е без работа и не е активен во фудбалот. Како тренер беше на чело на Бордо, ПСЖ и француската репрезентација. Некогашниот француски дефанзивец еднаш успеа со Бордо да биде шампион на Франција, а како предводник на ПСЖ трипати се радуваше на шампионскиот трофеј.