По победата над Алавес, Барселона дојде на чекор од нова титула во шпанското првенство, а теоретски може да ја завери титулата и пред да го одигра својот нареден меч в сабота, од 20.45 часот против Леванте на Енис Барди.
Постојат три начини Барса да освои титула без да го одигра дуелот со Леванте.
Првиот начин е денеска Атлетико на свој терен да загуби од Валенсија, па на четири кола до крајот, Барселона би имала 12 бода повеќе, а подобра е од „јорганџиите“ и во меѓусебните дуели.
Втората варијанта е ако Атлетико одигра нерешено и денеска со Валенсија и в сабота од 16.15 часот против Валјадолид, исто така на свој терен. Така Барса би имала десет бода плус, а на Атлетико би му останале уште три меча.
Третата опција е Атлетико да слави денеска против „лилјаците“, но да загуби од Валјадолид. Во тој случај, Барселона би имала девет бода предност, а на Атлетико ќе му останат само уште три меча.
Доколку Атлетико ги добие мечевите и со Валенсија и со Валјадолид, тогаш Барселона ќе мора сама да си ја заврши работата и да го победи Леванте ако сака в сабота вечер пред своите фанови да ја прослави титулата.