Барселона го испрати хајдуковецот Горан Вучевиќ на мисија во Англија да ја снима играта на талентираниот фудбалер на Динамо Загреб, Амер Гојак.
Вучевиќ, кој е дел од скаутинг-службата на Барселона, а беше и поранешен фудбалер на клубот, но и на Хајдук од Сплит беше на трибините на „Етихад“ во Манчестер на дуелот меѓу Сити и Динамо Загреб.
Цел на Барселона е 22-годишниот играч од средниот ред, кој блеска во последно време, иако најчесто влегува во игра кај Динамо како резерва.
Босанскиот репрезентативец даваше голови против Ференцварош и Розенборг во натпревари за Динамо од европските купови, а и за репрезентацијата на БиХ беше стрелец трипати во овој циклус квалификации за настап на ЕП 2020 година.
Интересно е што на „Етихад“ на мечот од ЛШ против англискиот шампион Вучевиќ имаше уште една задача, да реферира и за настапот на Дани Олмо. Шпанскиот ас и европски првак со младата селекција на Црвената фурија е производ на познатата „Ла Масија“, како што ја нарекуваат Академијата на Барселона, но беше продаден за ситни пари на Динамо. Играчот од средниот ред блеска во редовите на хрватскиот шампион, а беше и меѓу најдобрите на ЕП за играчи до 21 година, на кое Шпанија ја освои титулата, па Барселона сака да го врати на „Камп ноу“.