Таткото и агент на Лионел Меси, Хорхе Меси, за разлика од вчера, кога најави дека син му ќе ја напушти Барселона, по состаноците со претседателот Бартомеу, веќе не е убеден, па сега вели дека можеби Меси и ќе остане во редовите на Барса и во следната сезона.
Хорхе при излегувањето од канцелариите, беше прашан од новинарите дали има шанса Лео да остане и многу пренесоа дека рекол „да“, а други не се сигурни и објавија дека рекол „не знам“. Бартомеу рече дека со Хорхе Меси имале позитивен состанок.
Откако од Барселона доби негативен одговор на барањето да добие раскинување на договорот, Меси можеби ќе се помири со судбината дека ќе треба да остане и во сезоната 2020/21, па следното лето како слободен играч да бира каде ќе ја продолжи кариерата. Ако во март на изборите за прв човек на Барса победи некој негов човек, можеби Меси и ќе ја заврши кариерата во клубот во кој ја почна.
Меси и татко му попладнево имаа средба, но засега не се знае дали е донесена некаква одлука. Аргентинскиот фудбалер беше фотографиран во својот дом како опуштено игра падел со Луис Суарес.