Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, откри дека тимот најверојатно ќе ја започне новата сезона со серија натпревари на гостински терен. Причината за ова е доцнењето со реконструкцијата на стадионот „Камп ноу“.
Првите прогнози беа дека Барса треба да се врати на својот дом на средината од оваа сезона, но градежните работи беа одложени и тоа не се случи. Сега е јасно дека нема да може да играат таму ни во август, кога ќе почне новата сезона.
Барселона во последните две сезони своите домашни натпревари ги игра на олимпискиот стадион „Луис Компанис“, познат и како „Монжуик“, но во новата сезона Каталонците веќе нема да го користат тој објект.
Лапорта откри дека задолжителните тест-натпревари на „Камп ноу“ најверојатно ќе се одржат за време на турнирот „Жоан Гампер“. Враќањето за првиот тим на Барса на најголемиот стадион во Европа ќе биде постепено, што значи дека Каталонците првите неколку натпревари од новата сезона ќе мора да ги играат на гостински терен.
„Доколку нема непредвидени ситуации, во новата сезона ќе играме на ‘Камп ноу’. Во план е да спроведеме тестови за време на турнирот Жоан Гампер. Таквиот тест е потребен пред секој официјален натпревар. Нашето враќање ќе биде постепено. Засега немаме планови да се вратиме на „Монжуик“. Идејата е да ја започнеме новата сезона со гостувања и да се вратиме на нашиот стадион кон крајот на септември или почетокот на октомври“, изјави Лапорта.