Актуелниот шпански првак Барселона планира да го освежи составот во летниот преоден рок. На „Камп ноу“ не секогаш размислуваат само за трошење, туку и за добивање некоја пара. Планот на Каталонците е во летниот преоден рок да продадат неколкумина играчи.
Прв на листата е Филипе Кутињо. Бразилецот е вториот најскапоплатен играч во историјата на клубот, но сепак не се снајде како што се очекуваше. Кутињо не е ни стартер, па затоа многу веројатно е дека ќе си замине, а од него пресметките се дека може да се добијат 120 милиони евра.
И иднината на Самуел Умтити е непозната. Французинот имаше тешка повреда и тешко дека ќе се избори за место меѓу стартерите кога во составот се Пике, Ленгле и новото засилување од Ајакс. Матајс де Лихт. На трансфер-листа може да биде ставен и Иван Ракитиќ. Доколку бидат продадени овие играчи и некои кои не се толку значајни, Барселона може да стигне до посакуваната сума која би ја добила од продажба на фудбалери.