Барселона на први јули ќе го објави договорот со Гриезман, а Каталонците има зошто да чекаат до тој датум

Антоан Гриезман веќе подолго време е цел на шпанскиот првак Барселона. Сè погласни се гласините дека овој трансфер ќе биде комплетиран во летниот преоден рок, а точно се знае и датумот кога треба да се објави оваа „бомба“.

На први јули ќе биде промовиран Гриезман во нов играч на гигантот од „Камп ноу“. До тој датум ќе се чека, затоа што токму тогаш откупната клаузула на францускиот репрезентативец ќе биде намалена од 200 на 120 милиони евра.

Уште минатата сезона се зборуваше дека Гриезман ќе направи трансфер во Барселона, но Атлетико во последен момент успеа да го убеди најдобриот играч да остане во Мадрид. Главната причина да остане уште една година во Атлетико беше фактот што финалето во Лигата на шампионите оваа сезона ќе се игра на стадионот во Мадрид, па сон ќе беше Гриезман со „јорганџиите“ да игра во финалето на домашен терен. Сепак, тој сон го сруши Јувентус, кој го елиминираше Атлетико во осминафиналето од ЛШ и сега Гриезман може полесно да си замине.

Според ланскиот договор, францускиот репрезентативец ќе потпише петгодишен договор со Барселона и годишно ќе заработува 16 милиони евра. Колку за споредба, Гриезман во Атлетико добива 23 милиони евра, што значи дека свесно ќе се откаже од добра сума пари, но за можност да стигне до големи трофеи во кариерата.

- Оглас -

Најнови вести