Два меча, две убедливи победи на Барселона во новото првенство од Примера во Шпанија. По триумфот со 4:0 над Вилјареал, каталонскиот гигант синоќа со 3:0 славеше на гости во Виго против Селта. На хартија, Барселона беше голем фаворит, но традицијата велеше дека тоа е место каде што гигантот од „Камп ноу“ ретко се радува.
Речиси шест години Барселона немаше победа во Виго, а синоќа тимот на тренерот Роналд Куман одигра одличен меч. Ансу Фати погоди само по 11 минути, а потоа стигнаа проблемите за гостите. Дефанзивецот Ленгле заработи црвен картон и Барселона остана со играч помалку.
И со 10-мина фудбалери на теренот, Барселона делуваше доминантно во вториот дел. По шутот на Лионел Меси, Олаца си даде автогол, а во последната минута погоди и Роберто за сигурни 3:0. Тренерот Куман беше презадоволен и откри дека формацијата со играч помалку одлично функционирала.
„Ова е голема победа. Ако ги видите условите во коишто игравме, останавме со играч помалку по 40-41 минута игра, но во вториот дел тимот одигра многу добро. Бевме многу дисцилинирани, а со тактиката 4-4-1 дури и без еден играч на теренот, имавме многу шанси да погодиме. Знам дека ова е тежок терен за да се победи, но ние одигравме одлично и многу сум горд на фудбалерите. Резултатите покажуваат дека сме на вистинскиот пат“, рече Куман.
По две одиграни кола, Барселона е најдобар тим во нападот со седум дадени гола, а заедно со Хетафе се единствени кои уште немаат примено погодок.