Барселона во моментов има долгови од 1,45 милијарди евра, но и дополнителен товар со реконструкцијата на „Камп Ноу“. Раководството на клубот активно бара начин за генерирање на дополнителни приходи, а како еден од начините за тоа се гледа и одигрувањето пријателски натпревари.
Планот е по завршувањето на полусезоната да се одигра меч кој би донел дополнителни седум до осум милиони евра во касата на Каталонците. Првичната опција беше Перу, но таа може да биде одложена за мај следната година, а сега погледите се свртени кон Казабланка, Мароко.
Причина е краткото патување во период на божиќните и новогодишните празници, но и незадоволството од Ханси Флик, кој смета дека фудбалерите се преморени и затоа се повредуваат.
Јасно е дека Барселона кон крајот на декември ќе игра пријателски меч, но останува да се види на која локација и против каков противник, но сè ќе зависи од финансиите кои ќе им бидат понудени.

