Каталонскиот гигант Барселона соопшти дека нема да отпатува во Јапонија на првиот пријателски натпревар од азиската турнеја.
Барселона имаше јасен план и одамна закажани натпревари како дел од азиската турнеја, но првиот веќе е откажан поради – неисплатени финансиски обврски.
Имено, големите клубови добиваат значителна сума пари од азиските или американските клубови за време на летните турнеи, а првиот домаќин на Барса требаше да биде Висел Кобе. Сепак, бидејќи Барса не го добила договорениот износ, го откажа патувањето во Јапонија, а под знак прашалник се и преостанатите два натпревари во Јужна Кореја.
Во официјалното соопштение Барселона изрази жалење поради овој непрофесионален потег.
„Со голема жал клубот беше принуден да го откаже своето учество на закажаниот натпревар во недела во Јапонија поради сериозно прекршување на договорот од страна на домаќинот. Клубот дополнително ќе размисли дали ќе учествува и на преостанатите закажани натпревари во Јужна Кореја“, соопшти Барселона.
Каталонците имаа закажан дуел со Висел Кобе во недела, на 27 јули, а потоа и два натпревари во Јужна Кореја – против Сеул (четврток, 31 јули) и Даегу (понеделник, 4 август).