Шпанскиот првак Барселона е на подготовки во САД, треба да ја темпира формата за стартот на новата сезона во Примера дивисион, но и за настапите во групната фаза од Лигата на шампиони. Еден од најдобрите играчи на каталонскиот гигант, столбот во одбраната, Жерар Пике, најави дека и во новата сезона, основна цел на тимот е да ја освои титулата во домашното првенство, но секако дека големо внимание ќе се стави на елитната ЛШ.
Сепак, Пике потенцира дека Барселона нема по секоја цена да оди на освојување на ЛШ.
„Нашите титули во домашното првенство како да се потценуваат. Тие остануваат во втор план, а уникатно е тоа што го имаме направено ние. Освоивме осум титули во последните 11 сезони во Шпанија. Можеме ние да се фокусираме на Лигата на шампиони и да не се замараме во домашното првенство и Купот на Шпанија, но нема да си играме руски-рулет. Во Барселона сакаме да ги правиме работите на традиционален начин. Титулата во првенството е основна цел, а ќе се обидеме да бидеме силни на сите фронтови, до крајот на сезоната“, рече Пике.
Барселона ноќеска ќе игра контролен меч против Наполи во чии редови се очекува да настапи и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.